Новости / 20 ноември 2026
Фестивал на грчки филм: „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“
Јубилејното петто издание ќе се одржи од 25 до 27 ноември 2026 година во Кинотеката на Република Северна Македонија, со три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки.

Посветен исклучиво на филмови режирани од жени, фестивалот го претставува богатството на искуства, уметнички јазици и сензибилитети што тие ги внесуваат во филмската уметност. Програмата поврзува авторки од различни епохи и отвора простор за перспективи што ги предизвикуваат конвенционалните наративи.
Н.Е. Јанис Малукос, амбасадор на Грција во Северна Македонија, истакна дека фестивалот придонесува кон културниот дијалог и пријателството меѓу двете земји, зајакнувајќи ги врските меѓу народите преку креативноста и уметничката размена.
“Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија, туку и за меѓусебно зближување на луѓето. Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да премостува разлики и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата откриваме приказни кои можеби потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувства, предизвици и стремежи што сите ги споделуваме. Добриот филм може да ни овозможи да го видиме светот низ очите на некој друг. Може да ги преиспита нашите сфаќања, да нè инспирира и да нè потсети на она што нè поврзува. Токму тоа сакаме да го постигнеме преку нашите културни активности овде, во Северна Македонија.”
Јанис Малукос · амбасадор на Грција
За Небојша Јовановиќ, уметнички директор на Фестивалот, филмот како уметност ги обединува речиси сите уметности и има најголема моќ да ја пренесе пораката, но доколку преку неа не проговори суптилниот, длабоко чувствен и креативен женски авторски глас, таа не е комплетна.
„Бескрајно се радувам што стигнавме до едно заокружување, односно мал јубилеј, 5 години од основањето на фестивалот. Со Фестивалот на грчки филм создадовме традиција во градењето на доверба помеѓу двете земји и општества, во продлабочување на културниот дијалог помеѓу двата народи, растопивме многу предрасуди кои беа длабоко вкоренети во нашата свест, во времиња кои не беа лесни. Со овој фестивал, не само што ги промовираме вредностите на грчката култура, туку ја подигнавме културната дипломатија на највисоко ниво, со што придонесуваме во понатамошен развој на дипломатските односи помеѓу двете земји. Добро е познато дека професиите филмски режисер и директор на фотографија се едни од професиите со најголеми предизвици во филмската индустрија, а и воопшто. Исто така забележливо е дека во светот на филмот сè повеќе филмски приказни се раскажани преку женскиот сензибилитет и поглед. Но, не беше така отсекогаш.
Перцепцијата на оваа професија во минатото беше поинаква, таа доминантно припаѓала на мажите. Но, сведочиме најмалку на промена на перцепцијата за овие професии, што е значаен напредок. Фестивалот на грчки филм Скопје 2026, со концептот за новото издание, посветувајќи го целиот фестивал на храбрите филмски авторки од Грција, сметам дека ќе даде значаен придонес кон промените кои се случуваат во филмската индустрија“, рече Јовановиќ.
За програмата и концептот на Фестивалот говореше Кристина Фиоренци, која ги претстави филмовите кои публиката ќе има можност да ги погледне во текот на фестивалот, како и авторките на овие филмски остварувања.
25—27 / 11 / 2026
Програма на проекции
Кинотека на Република Северна Македонија
Среда, 25 ноември
18:30 · Свечено отворање
19:00 · „Длабочината на Океанот“ (Titanic Ocean)
Константина Коѕамани · 2026 · 130 мин. · Грција, Германија, Романија, Франција, Шпанија, Јапонија. Филм од „Извесен поглед“ на 79. Кански филмски фестивал.
По проекцијата: разговор со режисерката Константина Коѕамани.
Пријави присуство ↗Четврток, 26 ноември
20:00 · „Летно место“ (A Summer Place)
Потоа · „Ева“ (Eva)
Александра Матеу · 2021 · 21 мин. / Марија Плита · Грција · 1953 · мелодрама · 82 мин.
По проекциите: разговор со проф. д-р Бети Какламаниду, Универзитет „Аристотел“, Тесалоники.
Пријави присуство ↗Петок, 27 ноември
20:00 · „Ништо посвето од делфин“
Потоа · „Тато зошто си замина?“ (Hard Goodbyes: My Father)
Изабела Маргара · 2022 · 17 мин. / Пени Панајотопулу · Грција, Германија · Еуримаж · 2002 · драма · 113 мин.
Пријави присуство ↗Режисерката Константина Коѕамани имаше свое видеообраќање во кое изрази благодарност што заедно со публиката во Скопје ќе може да го погледне нејзиниот филм на свеченото отворање на фестивалот на 25 ноември во Кинотеката на Северна Македонија и со тоа го најави своето присуство и учество на панел-дискусијата.
„Ева“: повторно откривање на Марија Плита
Проф. д-р Бети Какламаниду, исто така, имаше свое видеообраќање во кое рече дека е многу возбудена што ќе биде дел од јубилејното 5. издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје. Какламаниду најави дека ќе разговараат за филмот „Ева“ на режисерката Марија Плита, кој е претставник на европскиот модернизам.
Марија Плита (Тесалоники, 1915 – Атина, 2006) е првата грчка филмска режисерка. Работела неуморно во текот на 20 години, режирајќи 17 филмови во периодот од 1950 до 1970 година. Како писателка на романи и драмски текстови, Плита ги направила своите први чекори во филмската продукција кон крајот на 1940-тите, а своето режисерско деби го остварила во 1950 година. Иако е главно отсутна од грчката историографија, Плита спаѓа меѓу филмските автори кои помогнале да се обликува националната кинематографија на земјата. Нејзиниот четврти филм, „Ева“ (1953), не само што ги доведува во прашање родовите претстави, туку и го најавува европскиот модернизам. Во мај 2026 година, „Ева“ стана првиот грчки филм, подложен на реставрација, кој беше прикажан во рамките на програмата „Cannes Classics“ (официјална селекција). Филмот е реставриран во 4K резолуција во 2026 година од страна на „World Cinema Project“ при „The Film Foundation“ и „Cineteca di Bologna“ во лабораторијата „L’Immagine Ritrovata“, во соработка со „Alatas Films“ и Бети Какламаниду, како и во соработка со Грчката кинотека („Tainiothiki tis Ellados“).






